ОГРОМНА РИБА-СОНЦЕ ПРОНАЈДЕНА ВО АВСТРАЛИЈА, МОЖАТ ДА ПОРАСНАТ ДО 2,5 ТОНИ

Аделејд, (Би-Би-Си)

Фотографии од огромна риба со необичен изглед се проширија на интернет откако беше пронајдена насукана на плажа во јужна Австралија. Идентификувана од експертите како риба-сонце, 1,8 метри долгиот примерок прво бил забележан од двајца рибари.

„Бидејќи со години имам работено како рибар, знаев што е, но никогаш претходно не сум ја видел во живо. Беше многу тешка, а кожата ѝ беше груба како на носорог“, изјави Стивен Џонс.

Риба-сонце или мола мола важи за најтежок вид коскена риба на светот и живее во умерено топли морски води. Еден експерт изјави дека пронајдениот примерок е и релативно мал за овој вид, бидејќи тие можат да пораснат над четири метри во височина и да тежат повеќе од 2,5 тони.

„Ова веројатно е примерок со просечна големина. Тие можат да пораснат двојно повеќе“, кажа морскиот биолог Ралф Фостер.