ПЕТ ГОДИНИ ГО УБЕДУВАВМЕ БРЕЈК ДА ЗАПЕЕ СО НАС, РЕЧЕ ПЕРЕ ОД „НОКАУТ“ НА ПРОМОЦИЈАТА НА НОВИОТ АЛБУМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Групата „Нокаут“ во понеделникот во Скопје го промовираше својот четврти албум со интересен наслов „Што бараш ти во мојата песна?“. Фронтменот Никола Перевски-Пере ни изјави дека насловот на песната по која се вика албумот го смислил Игор Џамбазов, кој е автор на текстот.

„Ваков наслов може да смисли само Игор, негов е текстот. Се однесува на сите оние кои се наоѓаат во нашите песни и многу ми е мило што се тоа луѓе од различни генерации. Никогаш нема да заборавам, на нашиот концерт во 2018 година во ‘Метрополис арената‘ во публиката беа мајка, ќерка и баба. Се симнав од сцената и ги поздравив. И тоа не е единствен случај. Во контакт сме со фанови кои се запознале и се вљубиле на нашите концерти, сега имаат семејства“, ни рече Перевски.

На промоцијата, „Нокаут“ свиреа четири песни од новиот албум. (Фото: К. Попов)

Промоцијата се одржа пред двата концерта на „Нокаут“ во Филхармонијата на 10 и 11 ноември. Првиот концерт беше распородаден за еден ден, објави продукцијата „Сцена“, која ги организира концертите. Специјален гостин ќе биде Дарко Гелев-Брејк, кој долго време нема снимено нова песна.

„Уште не ни се верува дека за еден ден се распродаде првиот концерт, многу сме благодарни за тоа. А, што се однесува до Брејк, беше многу тешко да се убедиме да ни биде гостин. Се убедуваме веќе пет години да настапиме заедно, едвај прифати и сега сме сите радосни. Тој ќе испее неколку свои песни кои заедно сме ги работеле, а ќе има и дуети на двата концерта“, кажа Пере.

Хитот на „Нокаут“, „Во бестрага“, кој го пее и Џамбазов, првично го сними Брејк, исто како и „Лебедот бел“. И двете песни имаат по две верзии.

На промоцијата, која беше од отворен тип, Перевски им рече на гостите дека со купување на нивното цеде донираат за македонската музика. Настанот заврши со настап на бендот во живо, со четири песни од албумот. Промоцијата ја водеше новинарот Антонио Димитриевски, кој се присети на „Нокаут“ како млад бенд кој дошол во студиото на МРТВ каде што тој тогаш работел и за тогаш првпат ги слушнал во живо.

Ристо Вртев беше гостин на промоцијата. (Фото: К.Попов)

На цедето има 14 песни, дел се нови, дел веќе познати, како „Кога ме сакаш ти“, „Сакам да живеам“, „Шал“. За „Шал“ Игор Џамбазов пред четири години изјави дека ја напишал за својата голема љубов од младоста, која е сега почината. Освен Џамабзов и Перевски, автори на албумот се и Дарко Димитров, Игор Атанасовски-Харе, Огнен Неделковски, Роберт Билбилов, Александар Ристовски-Принц, Филип Неделковски и Венко Серафимов. Гостин на промоцијата беше и музичарот Ристо Вртев од „Архангел“, кој се качи на сцената и јавно го поддржа „Нокаут“.

М. ЏАРОВСКА