СЕДУМ ГОДИНИ РАБОТИМЕ ВОЛОНТЕРСКИ И БЕЗ НАДОКНАДА, ВЕЛИ БОРЧЕ СТАМЕНОВ ОД „ДОНИРАЈ КОМПЈУТЕР“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Борче Стаменов вчера го прослави седмиот роденден на неговото здружение „Донирај компјутер“. Иницијативата стари, па потоа надградувани компјутери да се донираат на семејства кои не можат да си дозволат да купат почнала сосема случајно, кога една самохрана мајка го замолила Стаменов да ѝ помогне со половен компјутер за нејзините деца. Седум години потоа, кавадарчанецот и неговиот тим стасаа до 2.705 донирани компјутери. Стаменов неодамна ја доби државната награда „Мето Јовановски“ за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права.

„Прославивме седум години од првиот дониран компјутер. Тоа што немаме никаков план можеби ни е најдобриот квалитет. Ние работиме во моментот, не сакаме да оставаме работи да ни висат. Се пријавува семејство или училиште и гледаме веднаш да почнеме со решавање на нивното барање. До каде ќе тераме, не се знае. Ние би сакале да нема потреба од иницијативи како нашава, но додека има потреба, тука сме“, вели Стаменов, кој иницијативата ја почнал сам, а сега со него работат шестмина млади луѓе.

Борче Стаменов со неговиот тим во Кавадарци го прослави седмиот роденден на „Донирај компјутер“ (Фото: Фејсбук)

„Тимот е променлив цело време. Имам шест млади деца кои доаѓаат кога имаат време, но се редовни. Жике Коцев и Драган Ризов, и покрај тоа што се на факултет, секој слободен момент го користат во нашата работилница. Гордана Клинчарова, Александар Петров, Никола Јованов и Ѓорѓи Костадинов се во основно училиште и доаѓаат секој ден после часови. Од почеток до денес, ние работиме комплетно волонтерски, без никаква надокнада“, вели Стаменов.

Во договор со локалното техничко училиште „Киро Спанџов-Брко“, помагаат околу 30 ученици, распоредени во смени.

Секоја година, практика за новогодишните празници им е да упатуваат апел до поединци и компании да донираат средства по личен избор на сметката на здружението и со нив потоа купуваат новогодишни пакетчиња.

„Дел од тие пакетчиња ставаме во пакетите со компјутерите за семесјтвата кои се имаат пријавено кај нас, а дел ги користиме за да ги издрадуваме најмладите. Ова ни е трета година како сите ние се собираме, некој облекува костим на Дедо Мраз и ги посетуваме Дневниот центар за дечиња со пречки во развој и Дневниот центар за дечиња без родителска грижа. Тие посети ни се доста емотивни, но уживаме во дружбата со децата кои секогаш се многу радосни, затоа што Дедо Мраз лично им донел ќесенце“, ни изјави Стаменов.

Откако ја доби државната награта „Мето Јовановски“, тој вели дека наградите никогаш не ги броел.

Борче Стаменов на доделувањето на државната награда „Мето Јовановски“ (Фото: К. Попов)

„Веројатно ги има над 40. Сите стојат во работилницата на ‘Донирај компјутер’, закачени на ѕид, за да нѐ потсетуваат на успесите што сме ги постигнале и на соработките кои сме ги оствариле. ‘Мето Јовановски’ е првата државна награда што сум ја примил и ни значи дека некој во државата забележал дека постоиме. Од друга страна, драго ми е што ја добивме, затоа што во начелата на ‘Донирај компјутер’ е унапредувањето на човековите права. Неодамна, Обединетите нации го прогласија пристапот кон интернетот како основно човечко право. Ова не е само моја награда, туку и прослава на колективниот напор во ‘Донирај компјутер’ за надградба на човековите права“, кажа Стаменов.

Многу пораки кои ги добива секојдневно, тој емотивно ги доживува. Од таа причина, ретко се среќава со семејствата на кои ги донираат компјутерите.

„За мене, преемотивно е едно обично ‘благодариме, ни пристигна компјутерот’. Во тие моменти се ставам во кожа на тие родители и помислувам на влијанието кое нашата иницијатива го има. Претажно е во 2023 година некој да нема компјутер и пристап до интернет. Знаеме дека и скоро цело образование се базира на тоа. Од прва рака бев сведок на трансформативното влијание што овие донации го имаа врз поединците и заедницата, на приказните за луѓе кои стекнуваат нови вештини, продолжуваат со образованието и се поврзуваат со светот. Заедно, не само што ја надградивме технологијата, туку ги надградивме и можностите на безброј животи. Затоа, не можам да одвојам некој настан или донација. Мене сите донации ми се еднавко емотивни и ме прават среќен што, ете, сум можел некому во моментот да му помогнам на начин кој најдобро го знам и го работам“.

М. ЏАРОВСКА