Шест проекти на ОУ „Гоце Делчев“ во Валандово, СЕТУГС „Михајло Пупин“ во Скопје, СОУ „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршки факултет во Скопје, Машински факултет во Скопје и Општинското средно техничко училиште „Гостивар“ добија вкупно 2,72 милиони евра од Регионалниот фонд за предизвици (РЦФ). Станува збор за инвестиции во опрема, инфраструкура и спроведување на дуално образование или кооперативна обука.
На доделувањето на проектите, извршниот директор на Стопанска комора, Антони Пешев, говореше за напорите на Комората да го реши проблемот со недостигот на стручен кадар со практично искуство.
„Практичната обука на учениците во компании и дуалното образование е најефикасниот модел за обезбедување стручен кадар. Многу е важна врската помеѓу бизнисот и образованието во смисла на спроведување практична обука, креирање релевантна политика за упис и воведување нови квалификации и вештини“, кажа Пешев.