„СЛАВИМЕ ВЛЕЗ ВО ЛИГА НА ШАМПИОНИ“ – ЗАБАВА ВО МКЦ ЗА ГОЛЕМОТО ПРИЗНАНИЕ ЗА СИНЕДЕЈС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со големата бесплатна забава насловена „Славиме влез во Лига на шампиони“, Младински културен центар (МКЦ ) в среда ќе го прослави акредитирањето на фестивалот Синедејс во меѓународната асоцијација ФИАПФ.

Станува збор за федерација на филмски и телевизиски продуценти, која вбројува 38 продукциски куќи од 31 земја на светот.

Со едногласна одлука за време на Генералното собрание на ФИАПФ во февруари годинава, Синедејс го доби признанието „Competitive film festival specialized in European first and second feature films“.

Џонатан Тубин пушта музика исклучиво на плочи, и тоа 45-ки

Признанието, како што велат од МКЦ, значи дека Синедејс е во друштвото со 47 фестивали од светот, вклучувајќи ги Берлин, Бусан, Кан, Сан Себастијан, Торонто и Венеција.

Забавата в среда стартува во 21 часот на платото пред МКЦ, со сетовите на познатиот њујоршки диџеј Џонатан Тубин и македонскиот диџеј Гоце САФ.

„Тубин е активен од далечната 1991 година, кога го стартува својот циклус на енергични забави со прилично опскурна рок, блуз и соул музика од 50-те и 60-те години. Пушта музика исклучиво на плочи, и тоа 45-ки. На крајот од 2011 беше сериозно повреден во бизарна сообраќајна несреќа, по којашто речиси цел месец беше во кома и после која комплетно го изгуби слухот на левото уво. Магазинот ’Ролинг стоун’ го опиша како ’најсаканиот човек од соул сцената’, а канадскиот весник ‘Вајс‘ го нарече најдобриот диџеј од Њујорк’’, најавува МКЦ.