СО НАСТАПИТЕ НА ИГРАОРЦИТЕ И ВОКАЛНАТА ГРУПА ЈА ОДРЖУВАМЕ ТРАДИЦИЈАТА, ВЕЛАТ ОД КУД „РИСТО ДОНЕВ-УЧИТЕЛОТ“ ОД ШТИП ПО ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

Новогодишен концерт со познати македонски ора и песни одржаа стотина играорци од КУД „Ристо Донев-Учителот“ во Домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Со концертот кој траеше еден и пол час се одбележа 15-годишниот јубилеј на друштвото.  

Ристо Донев целиот свој работен век го помина во образованието во Штип. Основач е на специјалните паралелки со цел и децата со посебни потреби да имаат подобро образование и услови за тоа. Формираше и играорни секции во сите училишта, а најмногу во ОУ „Ванчо Прќе“, со што заокружи половина век одржување и развој на македонскиот фолклор. По пензионирањето продолжи со кондураџискиот занает во малиот дуќан на неговиот татко, што постоеше веднаш до кулата со градскиот часовник во Штип. Донев го одржуваше и градскиот часовник на Саат кулата, кој престана да работи по неговата смрт.  

Фолклорното друштво „Исарски бисери“ во 2008 се преименуваше во „Ристо Донев-Учителот“ и до денес е раководител неговиот син Баже Донев.  

„Друштвото има голема, средна и мала играорна група со ученици од основните училишта во Штип како и оркестар, а во рамките на друштвото е и женската вокална група ‘Ѓердан‘, составена од пензионерки. Се обидувам да ги продолжам традициите на мојот татко. Друштвото постојано се зголемува и учествува на голем број јубилеи во градот, а гостуваме и во другите градови во Македонија и во странство“, вели Донев.

Т. ЈОВАНОВСКИ