Скопскиот музички хроничар Тошо Филиповски во “Екс-ЈУ рок центарот“ во Сараево ја отвори изложбата „60 години македонска рок-сцена“. Во Центарот кој е во составот на салата „Скендерија“ се изложени урамени плочи, плакати од концерти и фотографии од музичари, вкупно 400 артефакти.
„Идејата зад изложбата е претставување на богатото културно музичко наследство што го имаме, создавано во 6 децении. Таргетот не е само сараевската публика туку пошироко, балканската јавност. Непознавањето на јавноста, за некогашната и сегашната македонска сцена е огромно, а ова е само еден чекор кон запознавање со минатото на сцената. Предизвикот да се претстават артефакти кои ја одбележале таа сцена беше голем, особено што на оваа изложба во Центарот претходеа три други“, ни изјави Филиповски.
Претходните изложби биле на три различни теми: сараевската сцена, белградскиот њу вејв и жените во поранешната југословенска рок музика. Филиповски вели дека на поканата реагирал како на голем предизвик, и е среќен што успеал да ја претстави македонската рок-сцена со нејзина шареноликост, односно низ 8 музички правци кои според него оставиле посериозен белег.
„Самата изложба беше предизвик за мене и од еден друг аспект. Центарот е опремен извонредно, со витрини, ботови и други музејски помагала, што за мене беше можност за првпат македонската музичка историја да ја сместам во вистински музеј. Четири витрини и три ѕида ми беа на располагање и во нив изградив концепт за претставување на сцената низ осум музички правци. Секако, ова беше ретроспектива на шест децении музика во Македонија. Едната витрина содржи дарк/алтернатива артефакти, втората џез/рок, третата панк/метал и четвртата рок/инди артефакти. Еден ѕид е со концертни плакати на бендови и фестивали, вториот е осмислен како портрети, извонредни фотографии од музичари на канвас, третиот дел на ѕидовите беа насловните страници на македонските лонгплеј плочи од 1981 до 1991 година. На самиот влез на изложбата, симболично, беа закачени десетина маици од млади, односно активни бендови, кои допрва ќе бидат дел од историјата“, вели рок-архивистот.
Филиповски додава оти првиите реакции за гостите на изложбата биле без исклучок позитивни, и сите биле изненадени од разноликоста на артефактите, оригиналноста и најмногу од фактот дека многу малку знаеле за ваква богата музичка сцена, која е само на неколку стотина километри од нив.
Изложбата ќе трае три месеци месеци во културниот центар. Меѓу гостите кои ја посетиле е музичарот Зенит Џозиќ од бендот „Забрањено пушење“ и рокерот Мирко Срдиќ, познат како Елвис Џи Куртовиќ.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Р. АТАНАСОВСКИ