СПОРТИСТИ СО ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ УЧЕСТВУВААТ НА ПРВИОТ РЕГИОНАЛЕН НАТПРЕВАР ВО ПЛИВАЊЕ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

Во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје од 5 до 7 април се одржува регионален натпревар во пливање, во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во Македонија, во соработка со Специјалната Олимпијада.

Настанот е дел од проектот на Обединетите нации „Младите за инклузија, еднаквост и доверба“. Учествуваат спортисти со интелектуална попреченост од регионот, а целта е промовирање свест за инклузија преку спортот и регионална соработка меѓу младите во регионот. Настанот е поддржан од Делегацијата на Европската унија во Македонија.

Според Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во земјава, светот на спортот е многу повеќе од постигнатите резултати.
„Тоа е најдобрата функционална платформа за зближување на луѓе од различни етнички групи, нации, култури, религии и можности“, вели Дуџак. „Ова е нешто што мора повеќе да биде ценето и поздравено, бидејќи е витален механизам за уривање на постоечките бариери меѓу различните групи, без оглед на причината за разликата меѓу нив“, вели Дуџак.

Обединетите нации преку проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ ширум Западен Балкан, во период од две години (2022-2024), имаат за цел да ги поттикнат младите луѓе да создаваат конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост, поттикнувајќи го меѓусебното разбирање и доверба во регионот.

„Овој регионален пливачки натпревар ги обединува пливачите со интелектуална попреченост, за да ги покажат своите вештини и да ја прослават различноста. Настаните како овој ја потврдуваат нашата заедничка посветеност за рушење на бариерите и создавање поинклузивно општество – каде што секој поединец е ценет и каде што сите таленти се целосно искористени. Пред сè тоа е повод за забава и за учесниците и за поддржувачите“, вели евроамбасадорот Дејвид Гир.