СРЕДНОШКОЛКАТА МЕДИСОН РИСТЕВСКИ ОД АВСТРАЛИЈА СОБРА ПАРИ ОД ТРИ КОНТИНЕНТИ ЗА МЕДИЦИНСКОТО УЧИЛИШТЕ ВО БИТОЛА

Битола, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Хумани луѓе од Австралија, Америка и Азија дадоа донации да ги помогнат реконструктивните зафати во Средното медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ од Битола. Иницијативата ја покрена професорката по англиски јазик од училиштето Марија Магдалена Петковска-Микаровска позната во јавноста како Класнето по еколошките акции што ги спроведува со учениците. Донацијата пак, ја собра средношколката Медисон Ристевски од Волонгог, Австралија, која има македонско потекло и сакаше да помогне да се подобрат условите во македонските училишта, посебно во тоалетите. За реконструкцијата собрани се околу 30.000 долари благодарение на хумани луѓе од Австралија, Кина, Филипини, Нов Зеланд, Малта, Канада, САД, меѓу кои и наши иселеници.

„Тоалетите беа во најужасното издание кое можеше да се затекне“, вели Петковска-Микаровска (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Како дел од моите образовани задачи имав обврска да спроведам општествен проект кој има за цел да го направи светот подобро место за живеење. Мојата енергија ја фокусирав на средното медицинско училиште во Битола. Посетувајќи ја Македонија неколку пати сфатив дека сме благословени со нашиот живот во Австралија, земја каде здравјето, образованието, демократијата и кавлитетот на животот се сметаат за едни од најдобрите во светот. Моја амбиција е да докажам дека работите се возможни. Крајна цел ми е да помогнам сите училишта во Македонија да имаа повисоки стандарди во постоечките тоалети“, напиша Медисон Ристевски на Фејсбук профилот.

Во декември 2017 година, по промената на локланата власт, тогашното ново раководство на училиштето ги отвори вратите за медиумите и јавно презентираше што затекна. Искешени врати без кваки, ѕидови и подови со дупки, нефункционални грејни тела, оштетен инвентар, руинирани тоалети. Тогаш раководството побара од бизнис заедницата граѓаните да помогнат да се подобрат условите.

Класнето- Марија Магдалена Петковска-Микаровска вели дека и вработените се вклучиле во наоѓањето донации за училиштето. Така, таа стапила во контакт со Медисон Ристевски.

Ѕидот на објектот каде се сместени тоалетите (Фото: СМАРТ.СДК.МК)

„Тоалетите беа во најужасното издание кое можеше да се затекне. Директорката ни даде на секој вработен одврзани раце да бара решение доколку е можно. Јас праќав писма до многубројми институции, поединци, организации и од секого бев одбиена бидејки се работеше за поголема сума. Случајно стапив во контакт со Медисон, која со голем ентузијазам го смисли цел проект“, вели Петковска-Микаровска.

Реконструкцијата се одвива во соработка со локалната самоуправа и јавните претпријатија, а започна од санитарните јазли. Ќе се обноват тоалетите на двата ката, ќе се реконструира и фасадата на училишниот објект во делот кај тоалетите која е во многу лоша состојба, а партерно ќе се уреди и надворешниот дел.

„Ентузијазмот и великодушноста вродија со плод. Многу енергија се вложи во овој проект , резултатите се на повидок“, рече дирекорка на училиштето Билјана Кокалевска.

Реконструкцијата се одвива во соработка со локалната самоуправа и јавните претпријатија, а започна од санитарните јазли (Фото; СМАРТ.СДК.МК)

Од Општина Битола велат дека во Медицинското училиште се санираат затекнатите состојби и дека повеќе од една декада, во ова средно училиште, каде што децата токму тука треба да научат што е хигиена и тоа да го применуваат постојано во пракса, не беа преземени никакви зафати во тоалетите.

„Минатата година започнаа реконструктивните зафати во тоалетите, со цел да се оспособат барем дел од нив, бидејќи од постоечките три ката, учениците употребуваа само еден тоалет. Годинава активностите продолжуваат во насока на санација на сите тоалети на спратовите“, велат од Општина Битола.

Ж. ЗДРАВКОВСКА