СВЕТЛОСНО НЕБО ОД 600 МЕТРИ И 20-МЕТАРСКА НОВОГОДИШНА ЕЛКА ЌЕ БИДАТ ПОСТАВЕНИ ВО СТРУМИЦА

Струмица, (СМАРТ СДК.МК)

Деновиве, центарот на Струмица почнува да добива новогодишен изглед. На булеварите веќе се поставени декоративни светлосни елементи, а палмите се обложени со светилки.

Работите на терен ги врши фирмата „Линк медиа плус“ од Скопје, која го доби тендерот на ЈП „Паркиралишта“ од Струмица за новогодишно украсување, при што, според информациите, е склучен договор во вредност од околу четири милиони денари.

Во Струмица треба да бидат поставени околу 400 светлосни украси  (Фото: В. Трајков)

Според техничката спецификација на јавната набавка, треба да бидат украсени булеварите Ленинова и Маршал Тито, фонтаната, општинската зграда, паркот до Собранието, плоштадот, како и познатото струмичко корзо од Собранието до големиот градски парк.

Треба да бидат поставени околу 400 светлосни украси и околу 600 метри светлосно небо, кое ќе биде на плоштадот. Таму до крајот на неделата ќе биде поставена и 20-метарска новогодишна елка од железна конструкција со вештачко зеленило и ЛЕД-светилки.

В. ТРАЈКОВ