СВЕТНА НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ВО СКОПЈЕ, ПРОСЛАВА НЕМА ДА ИМА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со палење на елката на плоштадот Македонија, во Скопје вчера симболично се означи почетокот на новогодишните празнувања. Поради пандемијата на коронавирусот, оваа година немаше организиран настан со музичка програма. Елката, како и лани, е дигитална и се менува во различни бои.

„Традиционално, Град Скопје ја осветли новогодишната елка, во вонредни околности, без посебен настан. Драго ми е што се присутни многу наши сограѓани и дечиња, што ја оправдува одлуката на градот да влеземе во новогодишна атмосфера онолку колку што можеме, имајќи ја предвид пандемијата. Јас сум среќен што плоштадот и оваа година ќе означува нови почетоци и желби за еден понормален и поздрав живот, каков што имавме пред да нѐ зафати светската пандемија“, рече градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Годинава нема да ја има новогодишната манифестација „Винтерленд“, ниту организиран дочек на Нова година. Од Град Скопје апелираат граѓаните кои ќе бидат присутни на плоштадот да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита, да носат маска и да го одржуваат пропишаното растојание.