ТЕАТАРОТ ОД НИШ ГОСТУВА НА ФЕСТИВАЛОТ „5РЕ“ ВО ВЕЛЕС СО ПРЕТСТАВАТА „КОЈ СЕ ПЛАШИ ОД ВИРЏИНИЈА ВУЛФ?“

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва (11 април) од 20 часот, во Велешкиот театар ќе се изведе претставата „Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ од Едвард Олби, во режија на Игор Павловиќ, продукција на Театарот од Ниш. Во претставата играат Снежана Петровиќ, Александар Крстиќ, Урош Милојевиќ и Наталија Јовиќ. Таа е дел од содржините на 4. издание на театарскиот фестивал „5ре“.

„Претставата не е само интимна драма за средовечна двојка во криза, претставува речиси филозофско испитување на границите помеѓу реалноста и илузијата. Ликовите не се само сопружници заробени во нефункционална врска, деструктивни игри и неможност за нормална комуникација, туку се симболи на универзалната борба помеѓу она што е и она што сакаме да биде. Вистини и илузии. Секој од ликовите на свој начин создава и одржува илузија само за да ги избегне болните вистини за себе и за нивниот заеднички живот“, вели режисерот Павловиќ за претставата.

П. ПЕЧКОВ