ЦЕЛОСНО ЗАЧУВАН ФОСИЛ НА ТИРАНОСАУРУС ПРОДАДЕН НА АУКЦИЈА ЗА РЕКОРДНИ 31,8 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

Њујорк, (АФП)

Еден од најкомплетните зачувани фосили на тираносаурус се продаде на аукција во Њујорк за 31,8 милиони долари.

Почетната цена на аукцијата во „Кристис“ изнесуваше меѓу шест и осум милиони долари и за само неколку минути беше урнат досегашниот рекорд од 8,4 милиони долари, колку што биле платени во 1997 година за фосил на диносаурус.

Само 50-ина фосили на тираносаурус се пронајдени во светот од првото откритие во 1902 година.

Фосилот наречен Стен е висок четири и долг 12 метри. Се проценува дека тој тежел осум тони кога бил жив пред 67 милиони години. Фосилот е откриен во Јужна Дакота во 1987 година и на палеонтолозите им биле потребни повеќе од 30.000 часови за да ги ископаат 188 коски од скелетот.