Во фоајето на велешкиот театар „Јордан Хаџи Констатнинов-Џинот“ синоќа (23 април) беше промовирана книгата „Лида Барова и други драми” од Милош Латиновиќ, српски писател и директор на театарскиот фестивал БИТЕФ. Книгата е во издание на „Перун Артис“ од Битола. Во неа се застапени драмите „Лида Барова“, „Бардо“, „Случајот Пазолини“, „Маерлинг, или кој го напишал бре ова…“ и „Крвта на црвениот петел“.
„Кога ќе ја погледнете оваа збирка драми, низ умот ви прелетува една мисла: дали во овие ископани вистини лежи манипулацијата на човекот и зошто историската неправда секогаш мора да биде свиткана во обландата на постхумната слава. Историјата во овие пет драми е слугинка која на авторот му го донесува она што му треба, а потоа си заминува молчешкум, свиткувајќи си го грбот пред неговата писателска интерпретација“, кажа промоторот Сашо Огненовски.
Промоцијата, одржана на Светскиот ден на книгата и авторското право, беше збогатена со актерските интерпретации на Сандра Танчева и Кире Ацевски, кои внесоа живост и емоција во зборовите на Латиновиќ.
П. ПЕЧКОВ