ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ВАКЦИНА ПРОТИВ ГРИП ГОДИШНО СЕ ТРОШАТ НАД 500 МИЛИОНИ ЈАЈЦА

Женева, (ДПА)

Додека многу јајца ќе бидат декорација и изедени за време на Велигденските празници, некои се користат за глобалното здравје и за производство на стотици милиони вакцини против грип.

Секоја година, 450-500 милиони јајца се употребуваат за производство на вакцини, кажа Мартин Фриде, главен истражувач во Светската здравствена организација (СЗО) во Женева.

„Над 90 отсто од светските вакцини против грип се создаваат со помош на јајца“, кажа тој.

Научниците се потпираат на продукти што не можат да се купат во супермаркети. Квалитетот кој им е потребен може да се најде само на специјални фарми, кадешто кокошките се чуваат во строго контролирани услови.

„Многу е поскапо, отколку производството на вашите јајца за омлет“, вели Фриде, додавајќи дека овие кокошки не се за јадење.

Двапати годишно, експертите на СЗО предвидуваат кој вирус на грип ќе доминира следната сезона. Лабораториите потоа ги произведуваат потребните вируси и ги праќаат во фабриките за вакцини, кадешто тие се вбризгуваат во јајцата. По десетина дена, милиони копии од вирусот растат во белката на јајцето. Тие потоа се деактивираат со топлина или со хемикалии, претворајќи ги во безопасни, но ефикасни вакцини.

Истражувачите долго време бараат алтернатива на домаќин, вклучувајќи ги и клетките од тумор на бубрезите кај кучиња. Иако овие клетки можат да се репродуцираат бескрајно, вели Фриде, вакви пристапи не се подготвени за масовна примена.

„Јајцата, дефинитивно, ќе ја играат главната улога во производството на вакцини против грип и во наредните 20 години“, смета Фриде.