Република Илинденска Македонија е најновиот предлог за името на државата, со кој треба да се стави крај на долгогодишниот спор со Грција, а бил договорен помеѓу Зоран Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас.

  • Според предлогот, името на државата на македонски би гласело Република Илинденска Македонија, Republic of Ilinden Macedonia на англиски, односно Republika Ilindenase e Maqedonisë на албански јазик.
  • Заев кажа дека стои зад овој предлог и побара поддршка за него, бидејќи „со овој предлог го чуваме достоинството, го потврдуваме и зајакнуваме идентитетот, се прави целосно разграничување на државата од регионот Македонија и се почитува наследството на Грција“.
  • „Илинден е и одраз на мултиетничката Македонија“, кажа Заев.
  • Според Заев, предложеното име е за општа употреба, а се зачувуваат македонските јазик и идентитет.
  • Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се изјасни против предлогот, затоа што тој предвидува уставни промени.
  • Претседателот Ѓорге Иванов изјави дека ќе се изјасни откако ќе го добие предлогот написмено.