ЗОРКА ТОДОРОВА-МЛАДЕНОВИЌ ОБЈАВИ КНИГА-УЧЕБНИК ЗА ИДНИТЕ ДИЗАЈНЕРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книгата „Како да станам моден дизајнер?“ од Зорка Тодорова-Младеновиќ деновиве е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина ‒ публикации“.

Тодорова-Младеновиќ вели дека идејата за оваа книга произлегла од нејзиниот интерен учебник што го имала подготвено за студентите на Технолошко-металуршкиот факултет, каде што предавала на Институтот за текстил сè до пензионирањето пред 15 години.

„Ова е прва книга од македонски автор од ваков вид литература или, поточно, учебник. И покрај тоа што денешните млади знаат странски јазици и лесно ги наоѓаат информациите за модата во литературата на англиски или француски или, пак, на интернет, сепак, убаво е да имаат и четиво на мајчиниот јазик. Книгата е првенствено наменета за оние кои ќе се определат да учат во средните уметнички и текстилни училишта, но и за нивните родители, за да видат и разберат што сè треба да се научи за да се стане моден дизајнер“, вели авторката.

Таа деновиве ја доби престижната филмска награда „Златен објектив“ за 2020 година. Кинотеката го доделува ова признание на македонските филмски работници од областа на кинематографијата.