По десетти пат, движењето Мовембер од Велес го одбележа месецот на подигање на свеста за машкото здравје. Преку повеќе активности, тие работеа да ѝ укажат на машката популација за грижата за сопственото здравје и за превентивата на ракот на тестиси и ракот на простата. Од првична забава и следење на светски тренд, тие станаа препознатливи во градот со нивната работа.

„Тоа што почна како забава прерасна во движење, во активности за подигање на свеста за таканаречените машки болести. Работиме да укажеме на потребата од превентивни прегледи за нивно рано откривање и дијагностицирање и за полесно справување ако дојде до нив. Месецов одржавме и предавање со уролог“, кажа Иван Сарагинов од движењето Мовембер Велес.
Ноември почнува со забричување и оставање мустаќи. Последната сабота во месецот се организира завршната забава, кога се избира најмустаќ и мустаќ во обид. Годинашниот победник е Зоран Илков, а мустаќ во обид е Ристе Мулев.

„Победникот се избира демократски, го избираат гостите на забавата, и тоа според поддршката, јачината на аплаузот кој го добиваат кандидатите во потесен избор. Победникот добива и сертификат. Беа изработени маички кои се продаваа цел месец, а претходните години имаше и шолји и беџеви. Собраните средства и донациите од завршната вечер ги наменуваме за хуманитарна цел. Годинава планираме да обезбедиме апарат што ѝ е потребен на велешката болница“, кажа Сарагинов.
Како дел од содржините на Мовембер беше организирана и изложба со плакати од десетгодишната работа.
П. ПЕЧКОВ