Скулптура на Мајкл Џексон е отстранета од Британскиот национален музеј за фудбал во Манчестер, а радиостаници во Австралија, Канада и во Нов Зеланд престанаа да ја пуштаат неговата музика по најновите обвинувања и сведоштва дека тој сексуално злоупотребувал деца.
Радиото „Нова ентертејнмент“ од Сиднеј објави дека веќе нема да емитува песни од кралот на поп музиката поради мислењето на јавноста.
Потегот следува по премиерата на документарецот на Ејч-Би-О, „Напуштајќи ја Недојдија“, во кој двајца мажи говорат како Џексон со години сексуално ги злоупотребувал. Филмот сѐ уште не е емитуван во Австралија.
„Ние не одлучуваме дали Мајкл Џексон е виновен за педофилија, туку само сакаме да се осигураме дека нашите радиостаници ќе пуштаат музика која луѓето сакаат да ја слушаат“, изјавија од двете најголеми радиостаници во Нов Зеланд, „Медијаворкс“ и „НЗМЕ“.
Семејството на Џексон го нарече филмот „јавен линч“, а адвокатите ги негираа обвинувањата и покренаа тужба против Ејч-Би-О од 100 милиони долари.