Балетската претстава „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски ќе игра два дена на сцената на Националната опера и балет, вечерва (7 март) и утре (8 март) од 20 часот.
Во главните улоги на 7 март ќе настапат Марија Кичевска-Шокаровска и гостинот од Бугарија, Емил Јорданов. Следниот ден, за првпат во главните улоги ќе бидат Христина Наќевска и Балаж Лочеи од Унгарија, заедно со солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Диригент на претставите е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф е Татјана Белецка од Украина, сценограф е Миодраг Табачки од Србија, а светло дизајнот е на Милчо Александров. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, а како солисти ќе настапат виолинистот Климент Тодороски и челистот Кирил Јосифов.
Класичната бајка од Чајковски раскажува за вечната борба помеѓу доброто и злото, а оваа претстава е на светската сцена повеќе од 100 години.