БИТОЛЧАНИ ГО ПОСЕТИЈА ВУЛКАНОТ ЕТНА ЧЕТИРИ ДЕНА ПО ЕРУПЦИЈАТА

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

Битолчаните Гоце Стојановски и Александра Јованова го посетија највисокиот и најактивниот вулкан во Европа, Етна на Сицилија, четири дена по неговата ерупција. Тие беа таму на 18 август, а вулканот имаше ерупции на 14, па раскажуваат дека околината била прекриена со вулканска прашина.

За време на престојот имале можност да посетат и некои таканаречените мртви кратери ни кои се одело како по срт. Прошетале и внатре во нив што за нив претставувало вистинска туристичка атракција. Најпопуларен кратер е 2001, наречен по ерупцијата што ја имал таа година, но е прилично длабок и внатре не се влегува.

Етна, највисокиот вулкан во Европа со надморска височина од 3345 метри, станува туристичка атракција.

Битолчаните Гоце Стојановски и Александра Јованова во вулканот Етна (Фото: приватна архива)

„Туризмот им е врв. Бев таму во 2018 и повторно се вратив. Невројатно доживување е. Со жичница се стигнува до 2500 метри, а има ‘оф роуд’ тури до 3000 метри во придружба на вулканолог. Ние имавме панорамска тура со воз, а бидејќи сме вљубеници во планината и пропешачивме наоколу“, вели Стојановски.

И Етна и планината над Битола, Пелистер, се национални паркови, па Стојановски направи паралела на туристичкиот развој тука и таму.

„Гледам како се развива туризмот на Етна, а ние го имаме Пелистер кај нас, но тешко се придвижуваат работите. Штета е бидејќи имаме прекрасна планина, преубави патеки за пешачење, можност за ‘оф роуд’ тури и други активности. И попусто имаме толку убава природа кога не знаеме да ја искористиме. Не го споредувам со Етна, тоа е друга приказна, која е многу атрактивна и лесно се продава, но кога ќе видите колку може да биде едноставно, а кај нас нема некоја туристичка понуда, јасно е дека кај нас снема визија за развој“, рече Стојановски.

Ж.ЗДРАВКОВСКА