ЧЕСНОСТА Е НАЈДОБРАТА ОСОБИНА НА ДАРКО, ВЕЛИ МАЈА ПАНЧЕВА, КОЈА СО СОПРУГОТ СЛАВИ СРЕБРЕН ЈУБИЛЕЈ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Маја и Дарко Панчев оваа година ќе прослават сребрен јубилеј – 25 години откако се заедно. Пејачката која 10 години работи во хорот на Операта и фудбалската легенда велат дека секоја година го слават Денот на љубовта и виното со заеднички ручек или вечера.

„Вообичаено добивам букет цвеќе од Дарко, а потоа седнуваме некаде на ручек или вечера. Повеќе ни значи нашиот празник Свети Трифун“, вели Маја Гроздановска-Панчева.

„Со Даре уште малку ќе прославиме сребрен јубилеј, заедно сме речиси 25 години. Тој има повеќе добри особини, но една од најдобрите е што е чесен кон луѓето и сето она што го опкружува. Имаме доста сличности, размислуваме исто во однос на животните навики, за воспитувањето на децата, дека не треба да се претерува во ништо и сето тоа да биде во нормални човечки граници. Различни сме во одлучноста. Јас доста се двоумам, а Дарко е порешителен од мене. Има работи кога не се сложуваме за нешто, но тоа го решаваме секогаш со дијалог, не со кавга“, вели Гроздановска-Панчева.

Маја и Дарко Панчев заедно ги следат поважните фудбалски натпревари (Фото: Приватна архива)

За своите ќерки Надица и Марија, Панчева вели дека се различни по карактер. Надица е помирна, сталожена, а Марија е потемпераментна и брза.

„Многу наши особини, од мене и од Дарко, се измешани во двете наши ќерки. Надица има 23, Марија 18 години, се занимаваат со училишни и студентски обврски и искрено мислам дека се добро воспитани, послушни и се на добар пат да станат вистински личности“, рече пејачката. Вели дека многу не следи фудбал, но поважните натпревари ги гледа заедно со сопругот.

„Најинтересно ми е кога на крајот има пенали и често погодувам која екипа победува“, вели Гроздановска-Панчева.

Последниве години, таа е послабо активна во поп-музиката. По долги години, Панчева настапи на концертот „99 мега ѕвезди“ кој се одржа минатата година во салата „Јане Сандански“.

Панчеви на прославата на 50. роденден на Маја минатата година (Фото: Приватна архива)

„Прекрасен настан, потсетување на многу убави хитови, дружење со колегите и секако дека тоа може да биде мотивација да се продолжи понатаму. Во хорот на Операта сум веќе 10 години, прекрасно ми е и се навикнав на сите обврски што ги бара таа работа. Работам со прекрасни колеги, а задоволството е уште поголемо кога работиш со нив“, вели пејачката.

На 28 февруари, таа ќе пее на Оскаровската гала вечер во Операта, во пресрет на 96. доделување Оскари, заедно со уште неколку нејзини колеги, а има и настапи со Лидија Кочовска, која е исто така нејзина колешка од хорот.

М. ЏАРОВСКА