ДЕТСКАТА ПРЕТСТАВА „CHECK IN: ПРЕД ЗГРАДА“ ЈА ИМА 50. ИЗВЕДБА ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Детската театарска претстава „Check in: Пред зграда“ вечерва (19 часот) во киното Фросина во Младински културен центар ќе ја има својата 50. изведба. Претставата е во продукција на Александра Никифоровски од „Булфрогс продукција“ и Здружението за уметнички и едукативни вредности „Дрим фактори“. Режијата е колективна, a играат актерите од Театарот за деца и младинци, Мики Анчевски, Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова и Бојан Лазаров.

(Фото: Булфрогс продукција)

„Несомнено, зависноста од технологија, интернет и социјални мрежи кај младите е на високо ниво, а нивната заинтересираност за игра со другарите пред зграда, физичка активност и за квалитетно поминато време без технологија е сè помала. Со оваа проблематика се занимава претставата, која преку разни ситуации, на близок и разбирлив јазик за деца и млади, го согледува влијанието од постојано користење на социјални мрежи и сака да поттикне развивање на социјална интелигенција, препознавање на лошите ефекти од постојаното користење на технологија, запознавање со детски игри и посветување на вистинските животни вредности“, вели Никифоровски.

Претставата досега е изведувана во многу училишта и градинки во повеќе градови, а ја виделе над 8.000 деца и младинци.