ЕЈ-СИ/ДИ-СИ ЌЕ СВИРИ НА СВАДБАТА НА СЕРХИО РАМОС, РОНАЛДО НЕ Е ПОКАНЕТ

Севилја, (Сан)

Капитенот на Реал Мадрид, Серхио Рамос, не го поканил Кристијано Роналдо на она што беше наречено свадба на годината во Шпанија, што ќе се одржи в сабота во светски познатата катедрала во Севилја. Рамос и ТВ-водителката Пилар Рубио ќе се венчаат по седум години врска, период за кој добија тројца синови.

Меѓу поканетите гости се Дејвид и Викторија Бекам, како и големиот ривал на Рамос од Барселона, Жерард Пике. Весникот „Марка“ објави дека ќе присуствуваат и голем број други бивши и сегашни соиграчи на Рамос, но на листата го нема Кристијано Роналдо, со кого наводно не се во добри односи од минатото лето, кога тој се пресели во Јувентус.

Се очекува во најголемата готска катедрала на светот да има околу 500 гости, а на забавата што ќе следува ќе настапи легендарниот австралиски хард рок бенд Еј-Си/Ди-Си, за што наводно ќе биде платен еден милион евра.

Пристапот до катедралата ќе биде ограничен за туристи в сабота претпладне, а за приватноста на целата церемонија ќе се погрижи приватно обезбедување.