ФАНТАЗИЈА ВО ГЛИНА – УЧЕНИЦИТЕ СО ПОПРЕЧЕНОСТ СО ИЗЛОЖБА ВО МАЛА СТАНИЦА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Учениците од училиштето за слепи лица „Димитар Влахов“, од училиштето за деца со оштетен слух и говор ДУЦОР „Партение Зографски“, како и учениците од паралелката за меѓународна матура од гимназијата „Јосип Броз Тито“ денеска весело ги разгледуваа нивните креации на изложбата во Националната галерија на Македонија-Мала станица. Тие минатиот месец работеле во НГМ-Чифте амам со глина, а резултатот од работилницата е презентиран на изложбата „Дај му форма на животот“.

„Децата креираа визуелни манифестации на своите идеи и му дадоа една нова и поубава форма на животот“, вели координаторката на проектот (Фото: К. Попов)

Изложбата е дел од ликовно-едукативниот проект „Уметност за сите“ на Галеријата и на холандската амбасада во Македонија, наменет за децата со аутизам и со оштетен говор, слух и вид, од најрана училишна возраст до завршување на средното образование.

Според координаторката на проектот Маја Димитрова, глувонемите и слепите деца се група деца со која во Македонија многу малку се работи на социјализација, инклузија и едукација.

Изложбата е дел од проектот „Уметност за сите“ на НГМ и на холандската амбасада во Македонија, наменет за децата со аутизам и со оштетен говор, слух и вид  (Фото: К. Попов)

„Работејќи со глина, тие имаа можност да ја разберат функцијата на формата, како и да стекнат знаења за карактеристиките на скулптурата како ликовно подрачје. Оттука, таа се смета за идеална изразна форма на оваа целна група ученици, бидејќи тие преку глината можеа најслободно да се изразат и да покажат инвентивност и емоции. Глината совршено ја обликуваше секоја нивна желба, претворајќи ја во нешто опипливо. Кај сите нив беше присутна имагинацијата. Децата креираа визуелни манифестации на своите идеи и му дадоа една нова и поубава форма на животот“, вели Димитрова.

Б. НЕСТОРОСКА