На плоштадот Македонија вечерва светна новогодишната елка. Осветлувањето на елката беше проследено со огномет, божиќни и новогодишни песни. На бината поставена во рамките на новогодишното село, празничните песни ги пееше средношколскиот хор составен од 120 деца од деветте средни училишта на Град Скопје.

Средношколците на плоштадот Македонија пристигнаа придружувани од членовите на Градскиот дувачки оркестар, кој изведе парадно концертирање од Старата железничка станица, па по улицата Македонија, до плоштадот.

Хор составен од 120 деца од деветте среди училишта на Град Скопје пееше новогодишни песни. (Фото: Град Скопје)

Просторот околу елката е уреден како новогодишна населба со украсени куќички во зимски амбиент, каде се продаваат храна, пијалоци и новогодишни подароци. Според програмата која ја најави градоначалникот Петре Шилегов, од 15 декември на бината во новогодишната населба ќе се организираат настани и концерти.

За новогодишното село и програмата која ќе трае две недели Градот ќе плати 100.000 евра, додека украсувањето заедно со новогодишниот огномет чини 260.000 евра. Градот како и години наназад го украсува фирмата „Линк медиа ллус“.

А. АНТЕВСКА