БЕЛГРАДСКИ ФЕСТ ЈА НАГРАДИ ДИНА ДУМА ЗА НАЈДОБРА РЕЖИЈА ЗА „СЕСТРИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дина Дума ја освои наградата за најдобра режија за својот дебитантски филм „Сестри” на 50. филмски фестивал Фест во Белград.

„Дума вешто ги води младите актери во филмот кој успеа да прераскаже приказна за многу важна тема од нашето време и да отвори дијалог”, појасни меѓународнотo жири, во чиј состав беа Милош Биковиќ, Тамара Драгичевиќ, Ѓерѓи Радули, Аргирис Пападимитрополус и Тони Гојановиќ.

„Сестри” имаше светска премиера во август на филмскиот фестивал во Карлови Вари, каде што ја освои специјалната награда на жирито во програмата „Источно од западот“, додека македонската премиера беше на „Браќа Манаки“.

Филмот досега е прикажан на повеќе од 30 фестивали, при што освои награди и во Висбаден и Атина. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Миа Жиро, продуцентка е Марија Димитрова, а сценариото го потпишуваат Дума и Мартин Иванов.