ДЕЈВИД ЛИНЧ ОДРЖА ЕДЕН ОД НАЈКРАТКИТЕ ГОВОРИ ОТКАКО ПРИМИ ПОЧЕСЕН ОСКАР

Лос Анџелес, (АП)

Познато е дека добитниците на Оскари тешко се одделуваат од микрофонот на сцената, но Дејвид Линч покажа како се прави тоа. Култниот филмаџија ноќеска го прими својот почесен Оскар и одржа говор кој траеше помалку од една минута, иако беше еден од оние на кои им беше посветена целата вечер.

„Благодарност до Академијата и до сите кои ми помогнаа да стигнам до тука“, кажа Линч, по што ѝ се обрати на статуетката.

„Имаш навистина убаво лице. Убава вечер“.

Авторот на „Твин Пикс“ има четири номинации за Оскар, но никогаш не го освои. Тој на сцената беше придружуван од своите чести соработници Кајл Меклахлан, Лора Дерн и Изабела Роселини.

Покрај Линч, почесен Оскар на посебна свеченост во Лос Анџелес добија и актерот со индијанско потекло Вес Стади и првата жена која била номинирана за режија, 91-годишната Италијанка Лина Вертмилер. После неа, тоа им успеало само на уште четири жени.