Биографскиот филм за подемот на Доналд Трамп „Приправник“ (The Apprentice) вчера имаше светска премиера на Канскиот фестивал. Филмот е во режија на Али Абаси, ѕвездата на „Марвел“, Себастијан Стен, го глуми младиот Трамп, а играат и Џереми Стронг и Бугарката Марија Бакалова.
Дејството e сместено во 1970-тите и 1980-тите и ги следи подемот на Трамп во њујоршки тајкун за недвижности и неговиот однос со Рој Кон, озлогласениот адвокат кој му станал ментор. Стронг го глуми Кон, додека Бакалова ја игра првата сопруга на Трамп, Ивана.
Премиерата доаѓа во година кога се очекува 77-годишниот Трамп повторно да биде кандидат за претседател на САД. Портпаролот на Трамп го опиша филмот, кој содржи сцена во која тој ја силува својата прва сопруга Ивана, како ѓубре, чиста фикција и мешање на холивудските елити во изборите и се закани со тужба.
Критиките беа поделени после премиерата, одлични рецензии добија Стен и Стронг, додека основата на филмот во вистинските настани се смета за ограничување за режисерот.
„Себастијан Стен го глуми Доналд Трамп во документарна драма која открива сè за него освен неговата мистерија“, пишува „Вараети“, додека „Индивајр“ вели дека „филмот не може да го заобиколи фактот дека Трамп е премногу базичен и патолошки случај за да биде доволно интересен“.
(Фото: АФП)