Биографскиот филм за музичката легенда Боб Дилан „Целосно непознат“ (A Complete Unknown), од денеска (23 јануари) игра во скопското кино Синеплекс и во кината Киноверзум во скопската општина Кисела Вода, Велес и Штип. Главната улога во филмот кој ги следи раните музички години на Дилан ја игра Тимоти Шаламе, кој доби номинација за Златен глобус.
За да се подготви за улогата, Шаламе учел да свири гитара и хармоника и работел со гласовен тренер со цел да го промени нежниот начин на пеење од „Вонка“ во карактеристичниот, назален вокал на Дилан.
„Ова е најдалеку што сум отишил досега. Подготовките за улогата беа како искачување стрмен рид“, кажа Шаламе.
„Целосно непознат“ ги следи доаѓањето на тогаш 19-годишниот Дилан во Њујорк во 1961, неговиот брз подем на фолк сцената и преминот кон електричен рок во 1965. Шаламе вели дека ги проучил сите видеа од Дилан од 1960-тите што можел да ги најде.
Боб Дилан му помогнал на режисерот Џејмс Менголд во пишувањето на сценариото, но никогаш не се сретнал или разговарал со Шаламе, кого неодамна го опиша како „брилијантен актер“.
„Сигурен сум дека ќе биде целосно убедлив како Дилан. Или помладиот јас. Или некој друг јас“, напиша музичарот на Икс.
Во филмот играат и Ел Фанинг и Едвард Нортон.