Филмови за Леонард Коен, Френк Запа и „Леб и сол“ ќе бидат на репертоарот на деветтото издание на фестивалот на музички документарци Скопје синема сити, што ќе се одржува на 17 и 18 јуни во Кинотеката. Мотото на годинашниот фестивал е „Приказните зад музиката“, а ќе се отвори со групната изложба на музички фотографии „5х10“, на која ќе се претстават Маја Аргакијева, Огнен Ацевски, Роберт Атанасовски, Зденко Петровски и Стефан Рајхл.
Првиот филм што ќе се прикаже е „Алелуја: Леонард Коен, патешествие, песната“, кој зборува за животот на песната „Алелуја“ и сите музичари кои ја изведувале. Следниот ден се филмовите „Вкусот на успехот“ за „Леб и сол“ и „Изеди го прашањето: Запа со свои зборови“ за Френк Запа.
Годинашниот добитник на наградата за животно дело е композиторот и диригент Џијан Емин.
Скопје синема сити е во организација на здружението „Номад-Арт Скопје“.