ГВАДАЊИНО ЌЕ СНИМА ФИЛМ СПОРЕД АЛБУМОТ НА БОБ ДИЛАН, „КРВ НА ПЕСНИТЕ“

Лондон, (Индипендент)

Режисерот Лука Гвадањино работи на филм инспириран од албумот на нобеловецот Боб Дилан од 1975 година, „Крв на песните“.

Гвадањино, автор на „Викај ме по твоето име“ кој помина одлично кај критиката и публиката и на римејкот на италијанскиот хорор „Суспирија“, работи со сценаристот Ричард ЛаГраванезе на повеќегодишна приказна, чие дејство се случува во 70-ите години.

Тие ја креирале приказната водејќи се од централните теми на албумот. „Крв на песните“ настанал среде разводот на Дилан од тогашната сопруга Сара, по десетгодишен брак.

Гвадањино за „Њујоркер“ изјави дека продуцентот кој ги има сценските права за албумот на Дилан му пришол со идејата за проектот, а тој се согласил само под услов ЛаГраванезе да го пишува сценариото.