КИНОТЕКАТА СО ТРИ ФИЛМА НА 35 ММ ЛЕНТА ЌЕ ОДБЕЛЕЖИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МАРЛОН БРАНДО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од 17 јуни (понеделник), во Кинотеката ќе се прикажат три филма во кои доминира актерската легенда Марлон Брандо. Ревијата е по повод стогодишнината од неговото раѓање.

На 17 јуни од 20 часот ќе се прикаже „Да живее Запата!“ (1952), следниот ден е „Квемада – островот во пламен“ (1969), а на 22 јуни е проекцијата на „Апалуса/Југозападно од Сонора“ (1966).

„Американски ловец, британски платеник и мексикански револуционер, во каква и да е улога, актерската легенда Марлон Брандо доминира на екранот. Неговото специфично, артистичко умеење секогаш ја фасцинира филмската публика. Овие три наслови ги прикажуваме по повод 100-годишнината од раѓањето на великиот Брандо, и тоа на 35-милиметарска лента, оригинален формат, како во времето кога биле премиерно прикажувани“, велат од Кинотеката.