По победата на најголемиот американски фестивал на независен филм Санденс во февруари, документарецот „Медена земја“ на режисерите Љубомир Стефанов и Тамара Котеска изминатиов период освои уште осум награди.
„Медена земја“ деновиве победи на 21. Интернационален фестивал на документарен филм ДокАвив во Тел Авив и со тоа се квалификуваше за трката за Оскар. Според пропозициите на Академијата за филмска уметност и наука на САД, „Медена земја“ исполнува еден од двата услова за директна кандидатура, а тоа е да победи на еден од фестивалите кои се на квалификационата листа. ДокаАвив е еден од нив.
Филмот освои четири награди на фестивалот Документарци против гравитација во Полска, меѓу кои Гран при и парична награда. Претходно ја освои главната награда на „Докс Барселона“ во Шпанија и на „Монтклер“ во Њујорк, како и специјална награда од жирито на „Сине док“ во Тбилиси, Грузија. Следуваат проекции во Масачусетс, Шефилд, Окленд, Велингтон и Сиднеј.
Филмот досега беше прикажан на дваесетина фестивали во Азија, Европа и САД и до крајот на летото се очекува да биде претставен на уште 20 други. Кон крајот на август ќе биде прикажан на Македокс во Скопје, а од септември ќе игра во киносалите во Македонија и САД.
„Медена земја“ е приказна за фасцинантниот живот на Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, која живеела со мајка ѝ во напуштеното село Бекирлија во југозападниот дел на Овче Поле.