ОСКАРОВЕЦОТ „ВИКАЈ МЕ СО ТВОЕТО ИМЕ“ ЈА ОТВОРА НЕДЕЛАТА НА ИТАЛИЈАНСКИ ФИЛМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Неделата на италијански филм почнува вечерва (19 часот) во киното Милениум, со проекцијата на „Викај ме со твоето име“ на режисерот Лука Гвадањино, за кој Џејмс Ајвори доби Оскар за адаптирано сценарио.

„Викај ме со твоето име“ е хомосексуална љубовна приказна помеѓу тинејџер и млад американски студент, базиран на романот на Андре Акиман. Филмот е забранет за помлади од 16 години.

Неделата на италијански филм од утре до 23 мај ќе се одржува во Кинотека на Македонија, со проекции од 20 часот.

Мотото на филмската ревија, организирана од италијанската амбасада во Македонија, е „Работа: борба за опстанок или самоостварување“.

Влезот е слободен, но потребна е резервација на билети.

Од вчерашниот настан во Даут пашин амам, организиран од институот „Данте Алигиери“

Пред официјалниот почеток на филмската ревија, институтот „Данте Алигиери“ од Скопје вчера во НГМ Даут пашин амам организираше настан во чест на големиот италијански поет. Институтот е еден од 482 комитети на оваа Асоцијација, чија главна цел е промоција на италијанските јазик и култура.

Настанот го отвори амбасадорот на Италија Карло Ромео, кој зборуваше за клучната улога на Институтот во афирмацијата на италијанските јазик и култура во Македонија.

На свеченоста настапи еден од најактивните италијански гитаристи на меѓународен план, Фабио Барбагало.