„Решетки“ на младиот палестински режисер Валед Зеданеј ја доби наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“, што ја доделува Мобил филм фестивал, специјализиран за филмови снимени со мобилен телефон. Фестивалот годинава се одржа само онлајн, а 90-ина филмови беа бесплатно достапни на платформата Cinesquare.
За наградите на фестивалот одлучи тричлено жири во состав Карл Бардош, Горан Наумовски и Златко Ѓелевски.
„Филмот ‘Решетки’ носи силна порака во себе и успева да опише еден апстрактен поим како што е демократија“, стои во образложението на жирито.
Наградата за најинвентивен филм ја доби „2040“ на Русинката Надин Алјекина, а за најдобра оригинална идеја „Odd One Out“ на Ендрју Роб од Австралија. Специјално признание доби „Спијам малку и сонувам многу“ од Паоло Сантамарија од Италија.
Од Фестивалот велат дека пристигнале повеќе од 1.000 филмови, но меѓу нив немало ниеден македонски. Мобил филм фестивал го организира продуцентската куќа „КТ-Филм и медиа“ од Битола, а е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје.