„ПЕТРУНИЈА“ СО НАГРАДА ЗА НАЈДОБРО СЦЕНАРИО ВО КАЗАХСТАН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сценаристките на филмот „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска, ја добија наградата за најдобро сценарио на 15. филмски фестивал Евроазија во Казахстан.

Во режија на Митевска, филмот во текот на месецов ќе биде прикажан на седум фестивали, а ќе започне и негова кинодистрибуција во Кина.

Од продукцијата „Сестри и брат Митевски“ велат дека како дел од турнејата, филмот овој месец беше прикажан на фестивал во Ерменија, а следни станици му се Пула, Мотовун и Нов Зеланд. На 20 јули ќе го затвори Филмскиот фестивал во Одеса, Украина.

„’Петрунија’ за половина година доби шест награди и ќе биде дистрибуиран во над 35 земји низ светот. Во моментов, веќе 12. недела, се прикажува во киносалите низ Франција и Швајцарија, а досега е прикажан и на триесетина фестивали“, велат од продукцијата.