ПО ТРИ МЕСЕЦИ ЗАСТОЈ, ХОЛИВУД ПРОДОЛЖУВА СО СНИМАЊЕТО НА НЕКОИ ОД НАЈИСЧЕКУВАНИТЕ ФИЛМОВИ

Лос Анџелес, (Би-Би-Си)

Холивуд ја покрена својата машинерија по три месеци застој поради пандемијата на коронавирусот, продолжувајќи ја продукцијата на некои од најисчекуваните блокбастери, со надеж дека ќе дојдат во кината во 2021 година.

Џејмс Камерон го продолжи снимањето на долгоочекуваното продолжение на „Аватар“ од 2009 година. Неговата екипа соработници беа меѓу првите на кои им беше дозволен влез во Нов Зеланд откако земјата почна да ги олеснува рестриктивните мерки, иако прво мораа во 14-дневен карантин. Камерон кажа дека снимањето на филмот, наводно насловен „The Way of Water“, ќе отвори стотици работни места и ќе ѝ донесе милиони долари на локалната економија. Најавено е дека филмот ќе има премиера во декември 2021.

Шестиот филм од серијалот „Паркот Јура“ ќе биде првата голема продукција која ќе продолжи во Велика Британија следниот месец. Шефовите на студиото „Јуниверзал“ кажаа дека ќе вложат пет милиони долари во дополнителните безбедносно-хигиенски мерки на сетот.

Снимањето на биографскиот филм за Елвис Присли во Австралија беше прекинато откако Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон се заразија со коронавирус. Снимањето ќе продолжи наскоро, потврди премиерката на Квинсленд, Анастасија Палшчук.

Невозможна мисија 7“ беше првиот голем холивудски наслов кој настрада од коронавирусот, па снимањето во Италија беше прекинато уште во февруари. Продуцентите очекуваат тоа да продолжи во септември и тоа во сите земји во кои што било планирано.

Бетмен“ (The Batman) со Роберт Патинсон и Зое Кравиц почна да се снима во Глазгов во февруари и продуцентите и натаму не се откажуваат од најавената премиера во октомври 2021.