Биографскиот филм „Покер кралица“ со Џесика Честејн во главната улога и „Дедо Мраз и компанија“ се два нови филмa кои од денеска играат во „Синеплекс“.
За улогата на Моли Блум, Чeстејн доби номинација за Златен глобус за најдобра актерка, додека, пак, режисерот и сценарист Арон Соркин е номиниран за најдобро сценарио.
„Покер кралица“ е режисерско деби на Соркин, кој има Оскар за најдобро сценарио за филмот „Социјална мрежа“ и е добитник на пет Еми награди за телевизиската серија „Западно крило“.
Блум е млада скијачка која ги губи сите надежи за олимписко злато по сериозна повреда. Одлучувајќи привремено да ги напушти студиите, Моли наоѓа привремена работа која ќе ја внесе во нов свет: водење на најексклузивната илегална покер вечер.
Нејзиниот победнички живот нагло престанува кога среде ноќ ќе ја уапсат 17 ФБИ агенти. Во судскиот процес против неа, нејзиниот единствен сојузник е адвокатот (Идрис Елба).
Иако „Покер кралица“ е биографски филм, Соркин бил доста внимателен и неговите споредни ликови се измислени.
Од киното додаваат дека „Дедо Мраз и компанија“ е авантура за целото семејство.
„Само што не пристигнала Нова година, а на Северниот пол завладува епидемија на грип. Дедо Мраз е во голем проблем, бидејќи сите 92.000 помошници добиваат опасна кивавица, која ги приковала за кревет. Кој ќе му помогне сега да ги направи играчките за децата ширум светот“, е дел од содржината.