„Војна на ѕвездите: Последниот Џедај“, осмата, претпоследна епизода од еден од најомилените и најуспешни филмски серијали на сите времиња, синоќа ја имаше својата претпремиера и во Македонија, во „Синеплекс“ во Скопје.
Премиерите на „Војна на ѕвездите“ никогаш не се обични прикажувања, па така беше и овојпат. Манијата ги зафати и македонските фанови на франшизата, па дел од нив дојдоа облечени како ликови од филмот, а за севкупната атмосфера придонесоа и вработените во киното, меѓу кои имаше и такви кои носеа фризура на принцезата Леја.
“Последниот Џедај“ е последниот филм од серијалот во којшто глуми и легендарната Кери Фишер, која почина минатиот декември.
Во режија на Рајан Џонсон, „Последниот Џедај“ од утре и официјално тргнува во светски поход на кино-благајните.
Тој е продолжение на „Силата се буди“ од 2015 година. Реј (Дејзи Ридли) почнува да тренира за Џедај под водство на Лук Скајвокер (Марк Хамил), додека Отпорот се подготвува да ја продолжи борбата против Првиот ред, на чие чело се Кајло Рен (Адам Драјвер) и мистериозниот Сноук (Енди Серкис).