„Рома“, црно-белата ода за животот во истоименото предградие на Мексико Сити во 1970-ите, може да испише историја на многу начини доколку вечерва триумфира на Оскарите, каде што доаѓа како голем фаворит.
Филмот на Алфонсо Куарон и „Миленичка“ на Гркот Јоргос Лантимос имаат по десет номинации, но „Рома“ беше поголем миленик на жиријата во досегашниот дел од сезоната на награди.
- Од 10-те номинации за „Рома“, четири се лично за Куарон (за најдобар филм како продуцент, режија, сценарио и кинематографија), со што го повтори успехот на Ворен Бити (двапати, за „Небото може да чека“ и „Црвени“) и на браќата Коен („Нема земја за старци“). Бити на крајот освои само еден оскар, а Итан и Џоел Коен три.
- „Рома“ може да му го донесе првиот оскар за најдобар филм на стриминг сервисот „Нетфликс“, кој токму поради него ја смени својата политика и прво го пушти на ограничено прикажување во кино на три недели.
- Со буџет од 15 милиони долари, „Рома“ заработи 3,9 милиони долари во киносалите, наспроти „Блек Пантер“, кој на светско ниво оствари приход од 1,347 милијарди.
- Снимен на шпански јазик, „Рома“ може да стане и прв филм кој во исто време славел во категориите најдобар филм и најдобар странски филм.
- Во 90-годишната историја на Оскарите, само девет филмови од неанглиско говорно подрачје биле номинирани за најдобар филм.
- Ѕвездата на „Рома“, Јалица Апарисио, е номинирана за најдобра актерка за својата прва филмска улога и е прва домородна жена на која ѝ успеало тоа.
- За првпат по 30 години, нема да има водител на Оскарите, туку само презентери, за што се избрани повеќе од 40 филмски ѕвезди.