СО МАНЧЕВСКИ СМЕ КАКО СКОРСЕЗЕ И ДЕ НИРО, ВЕЛИ ПЕТАР МИРЧЕВСКИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ „ВРБА“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Милчо Манчевски деновиве го снима „Врба“, својот прв македонски филм по „Мајки“ во 2010 година.

Манчевски тука ги сними „Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“ и „Мајки“, а во Њујорк „Бикини Мун“, американско-германска копродукција без учество на Македонија. „Бикини Мун“ во март годинава ја имаше македонската премиера, а овој месец и њујоршката.

Мирчевски го игра ликот на Крсте Дувниветровски

„Врба“, по сценариото на Манчевски, почна да се снима на 25 октомври близу прилепското село Крушевица, снимаа и во живописните мариовски села Штавица, Дуње и Зович, на Трескавец, во Преспа, а ќе завршат во Скопје во првата половина на декември.

Од вчерашниот сет на улицата Владимир Полежиновски во Скопје (Фото: A. Ристески)

На улицата Владимир Полежиновски во Скопје, вчера се снимаше сцена со актерот Петар Мирчевски, во која тој лежи на улица со крваво чело, откако бил удрен од такси возило. Истураше силен вештачки дожд, а насобраните соседи со чадори го штитеа од дождот додека да дојде возило на брза помош. Еден од нив вели: „Да му е*ам мајката, еден семафор не ставија на улицава. Само згради знаат да градат“.

„Ние сме како Мартин Скорсезе и Роберт де Ниро. Ако не му е срам, нека не ме зема во следниот филм“, се пошегува накиснатиот Мирчевски, кој го игра ликот на Крсте Дувниветровски.

„Врба“ се состои од три испреплетени приказни за љубов и доверба, една од македонското средновековие, а другите две современи, кои се огледуваат и се во контраст една со друга. Иако ги раздвојуваат векови, ликовите во „Врба” имаат слични грижи, радости и соништа, велат од продукцијата.

„Приказните сами ме бираат, јас не ги бирам. Не постои само историски, само љубовен или само политички филм. Ако е е добро делото, ако е добар романот, секогаш е за повеќе работи во исто време и раскажува за различни работи во исто време“, изјави режисерот.

Главните улоги ги играат младите актери Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Ненад Нацев, покрај Камка Тоциновски, Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други.

Директор на фотографија е Унгарецот Тамаш Добош, дизајнер на продукција е долгогодишниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, костимите се на Жаклина Крстевска и Унгарката Ѓерѓи Сакач, асистент на режија е Никола Ивановиќ од Србија, а кастинг директорка е Милка Анчевска.

Никола Ристески, Наталија Теодосиева и Петар Мирчевски на пауза на сетот (Фото: К. Попов)

Продуцент е Јане Ќортошев, а извршен продуцент е Ник Пауел од Велика Британија, коосновач на „Вирџин рекордс“, заедно со Ричард Бренсон. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Б. НЕСТОРОСКА
Фото: К. ПОПОВ

Наталија Теодисиева ја глуми Родна (Фото: A. Ристески)