СПИЛБЕРГ МЕЃУ 30.000 КАНДИДАТКИ ОДБРА 17-ГОДИШНИЧКА ЗА ГЛАВНА ЅВЕЗДА ВО „ПРИКАЗНА ОД ЗАПАДНАТА СТРАНА“

Лос Анџелес, (Холивуд рипортер)

Стивен Спилберг избра анонимна 17-годишничка за главната улога во римејкот на „Приказна од западната страна“. Овој филм, кој освои 10 оскари во 1962 година, ќе биде првиот мјузикл во богатата кариера на Спилберг.

Средношколката Рејчел Зеглер ќе дебитира на филм во улогата на Марија, која во 1961 година ја играше Натали Вуд, откако победила на отворениот кастинг за актери со латино потекло, на кој се пријавиле 30.000 кандидатки.

„Пресреќна сум што ја добив легендарната улога на Марија покрај целиот неверојатен кастинг. ‘Приказна од западната страна’ е прв филмски мјузикл што сум го гледала во кој главен лик е латино девојка. Како Американка со колумбиско потекло, почестена сум со можноста да ја играм оваа улога, која е од големо значење за латино заедницата“, изјави Зеглер, која ја играла Марија во средношколски мјузикл.

Во филмот во продукција на „Фокс“ ќе играат и ветераните од Бродвеј, Аријана ДеБос и Давид Алварез. Ансел Елгорт ќе го игра Тони, а по 60 години се враќа и Рита Морено, која има добиено Оскар за оригиналната верзија.

„Среќен сум што направивме екипа која го рефлектира талентот на разноликата латино заедница во Америка. Верувам дека овие млади луѓе ќе донесат нова енергија во фантастичниот мјузикл, кој денес е позначаен од кога било“, изјави Спилберг.

Снимањето ќе почне летово.