„Нетфликс“ го објави трејлерот за новиот филм на Мартин Скорсезе, „Ирец“, кој ќе ги обедини ветераните на гангстерските филмови Роберт де Ниро, Ал Пачино и Џо Пеши.
Тој се базира врз мемоарите „I Heard You Paint Houses“ од 2004 година и ја раскажува приказната за озлогласениот гангстер Френк Ширан (Де Ниро), кој наводно играл важна улога во исчезнувањето на контроверзниот синдикален лидер Џими Хофа (Пачино), чие тело никогаш не е пронајдено.
Со буџет од 200 милиони долари, филмот ќе трае епски три и пол часа и за да може да конкурира за големите награди, ќе се прикажува во кината во Њујорк и Лос Анџелес од 1 ноември, додека во редовната понуда на „Нетфликс“ ќе биде од 27 ноември.
Филмот беше најавен уште во септември 2014 и Пеши се согласи да ја прекине пензијата за да го снима.
„Ирец“ е деветта соработка на Скорсезе и Де Ниро, која почна во 1980 година.