„ВРБА“ ВО ИСТА ВЕЧЕР ГО ОТВОРИ СОФИСКИОТ, А ГО ЗАТВОРИ ФЕСТИВАЛОТ ВО ТИРАНА, МАНЧЕВСКИ ДОБИ НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

„Врба“, шестиот филм на Милчо Манчевски, вчеравечер го отвори филмскиот фестивал во Софија, а режисерот кој присуствуваше на отворањето ја доби Специјалната награда за придонес кон светската кинематографија. Во чест на Манчевски, како гест на почитување фестивалот организираше изведба на песна од Пиринска Македонија која на бина му ја испеаја на почесниот гостин по најавата на директорот на фестивалот Стефан Китанов.

„Премиерата на ‘Врба’ и специјалната награда за Манчевски се проследени со голем број написи и интервјуа со авторот во бугарските медиуми, во кои акцент се става на универзалноста на темата на филмот, мајсторската режија и на досегашните успеси, како и на тоа дека се горди на интернационален успех на дело од Балканот“, вели продукцијата на филмот.

Овој фестивал е еден од најголемите и најзначајни фестивали на Балканот и досега бил домаќин на голем број значајни филмски имиња од Европа и од светот. Фестивалот ќе трае до 15 октомври и ќе се одржува во физичка форма со запазување на мерките и протоколите пропишани за заштита од коронавирусот.

Истовремено, додека во Софија го отвораше, „Врба“ во Тирана вчеравечер го затвораше годинешното издание на Интернационалниот филмски фестивал. Филмот предизвика огромeн интерес кај албанската публика, која, според реакциите, го доживеа многу интимно и емотивно.

„Врба“ имаше многу успешна недела: покрај фестивалите во Софија и Тирана, избран е во селекцијата за престижната награда за најдобар филм на Европската филмска академија (ЕФА), позната и како Европски Оскар, а доби и две номинации (за најдобар игран филм и за најдобар режисер) на еден од најголемите фестивали за независен филм, Рејнденс во Лондон.