ЗАД СЕКОЈ АКТЕР ИМА БОЛКА, НО И СЛАВА – ДВЕ ГОДИНИ ПО СРЦЕВИОТ УДАР, БАНДЕРАС ТРИУМФИРАШЕ ВО КАН

Кан, (Вараети)

Ги играше Зоро и Пабло Пикасо, но дури улогата на неговиот пријател Педро Алмодовар му ја донесе наградата за најдобар актер на Антонио Бандерас на Канскиот филмски фестивал, кој заврши синоќа. Педесет и осумгодишната шпанска ѕвезда е наградена за улогата на алтер-егото на Алмодовар во неговиот нов филм „Болка и слава“.

„Алмодовар е мој ментор. Го сакам, го почитувам, му се восхитувам. Ние сме пријатели 40 години. Во сценариото видов работи кои не ги знаев за него. Тој сериозно се спротивставува на самиот себеси пред публиката“, рече Бандерас и му ја посвети наградата на Алмодовар.

Во филмот, во кој игра и Пенелопе Круз, Бандерас игра режисер кој се потсетува на одлуките кои ги направил во минатото и со кои се соочува во сегашноста.

„Луѓето мислат дека ние живееме на црвен килим, но тоа не е точно. Ние многу страдаме, се жртвуваме и има многу болка зад секој актер. Но, исто така има и слава, а ова е мојата ноќ на слава. Најдоброто допрва доаѓа“, рече Бандерас, кому ова му е прва награда во Кан по шест обиди.

Бандерас вели дека инфарктот што го претрпил пред две години го променил како човек и му овозможил да се развие одново како актер, што му помогнало во подготовките за оваа улога.

„За да го создадам овој лик морав да го убијам Антонио Бандерас. Педро сакаше да покажам нешто ново и можеби да станам нов Бандерас“.

Политичкиот трилер „Паразит“ на Бонг Јон-Хо од Јужна Кореја ја доби Златната палма на 72. издание на Канскиот фестивал.