Мултимедијалниот проект „Скриеното, чудесно” со изложба на филигрански накит, едукативни предавања и креативна работилница за деца ќе започне утре (2 декември) во 19 часот во Чифте амам, а завршува в понеделник.
„Скриеното, чудесно“ е колекција на современ накит направена по повеќегодишно истражување за Охридското Езеро, со финален фокус на неговите ендемски видови. Накитот го изработија Марта Пејоска и Билјана Клекачкоска.
Покрај изложбата, ќе има и две предавања за природната реткост на Охридското Езеро и Националниот парк Галичица и креативна работилница за деца од шест до 14 години. Предавањата ќе ги држат Ангела Тасеска и Златко Левков.
Предавањата и работилницата ќе се одржат в недела од 10 часот во Чифте амам.