Режисерката Нела Витошевиќ во Македонскиот народен театар (МНТ) ја подготвува претставата „Макбет“ од Вилијам Шекспир, според препевот на Богомил Ѓузел и со нејзина адаптација на текстот. Премиерата се најавува за следниот месец.
„’Макбет‘ е психолошка вивисекција на светот на двајца тирани, кои од преголема амбиција за власт на крајот се дават во крвта на нивните жртви. Затоа и претставата ќе наликува на кошмар во кој тиранијата го достигнува својот врв. Светот на Макбет е свет во којшто злото цица секое здраво-разумско поимање и почнува бескрупулозно да владее со мислите на поединецот. Растргнати од грижата на совеста, а во вртлогот на политичкото лудило, главните ликови го губат тлото под нозете и брзо тонат во крвта на оние кои ги убиле“, вели Витошевиќ.
Ликот на Макбет го игра Сашко Коцев, а Леди Макбет е Драгана Костадиновска. Во претставата со голем број ликови на благородници, вештерки, генерали и војници играат и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ и Виктор Бужаров.
Сценографијата е на Константин Трпеноски, костимите ги креира Роза Трајческа-Ристовска, а композитор е Огнен Анастасовски.