МКЦ СЛАВИ РОДЕНДЕН СО ФОТОИЗЛОЖБИ, ПЕРФОРМАНСИ И КОНЦЕРТИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со фотоизложби, поетски перформанс, филмски маратон и со концерти, Младински културен центар (МКЦ) вечерва од 20 часот, по седми пат, го слави глобалниот Роденден на уметноста.

За светски роденден на уметноста, 17 јануари е прогласен во 1963 година од францускиот уметник Робер Фију, припадник на групата „Флуксус“.

Во Галеријата МКЦ ќе биде поставена фотоизложбата „Гледај во позитив“, составена од три проекти: „Втора шанса“ на Наке Батев, „Ефиџис“ на Томислав Георгиев и „И јас имам сон“ на Огнен Теофиловски.

Фотографиите на Томислав Георгиев, Огнен Теофиловски и на Наке Батев се дел од проект кој се однесува на маргинализирани и/или социјално исклучени групи: граѓани кои не поседуваат документација, корисници на дрога и лица од ЛГБТ заедницата

Во Џебното кино ќе се изведе перформансот на Драгана Гунин, „Каде одат претставите што не се случуваат?“, а во киното „Фросина“ е најавен поетскиот перформанс „Песнило“ со повеќе млади поети.

Во киното „Миленум“ ќе тече филмски маратон, а во Планетариум е програмата „Слеп состанок“, курирана од „Ако никој не свири“.

Во Денсинг салата ќе настапат прославениот српски алтернативен бенд „Обојени програм“, што постои речиси четири децении, скопскиот бенд „Милко“, младите белграѓани „Визељ“ и инструменталениот рок бенд од Скопје, „Локал блу“.

Повеќе диџеи во бифето на МКЦ ќе имаат целовечерен сет, најавен како „Фанки фреш“.