МОЈАТА ФАМИЛИЈА ГО ТРЧА ОВОЈ МАРАТОН СО МЕНЕ, ВЕЛИ СИМОН ТРПЧЕСКИ, КОЈ ОДБЕЛЕЖА 25 ГОДИНИ КАРИЕРА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Пијанистот со светска слава Симон Трпчески одбележа 25 години од, како што вели, еден посебен момент: почеток на неговата професионална музичка кариера. Тој беше еден од победниците на Милениумскиот светски натпревар за пијано во Лондон, кој се одржа на 29 април 2000 под покровителство на тогашниот принц Чарлс.

„Тоа беше мојот прв настап со Лондонскиот филхармониски оркестар, во концертната сала Ројал фестивал хол, со изведба на Концертот за пијано и оркестар бр. 3 од Сергеј Прокофјев, кога имав чест да ми биде врачена награда лично од принцот Чарлс. Благодарен сум им на татко ми, мајка ми и на целата моја фамилија за ‘маратонот’ што тие го трчаат со мене во текот на сите овие години, како и на моите професори, мојот менаџмент, сите искрени пријатели, колеги и поддржувачи и на прекрасната публика низ целиот свет за нивната постојана поддршка, која претставува голема инспирација за мојот професионален успех“, објави Трпчески на Инстаграм и додаде дека со радост ќе ја промовира македонската култура во светот и понатаму.